Во блажено успение – дај им Господи вечен покој…

Пишува о. Александар Тодоровски

Со телесната смрт не завршува животот на верникот. Токму по земниот живот, кој е исполнет со многубројни маки и искушенија, настапува вистинскиот, духовен и блажен живот за сите верни и набожни чеда Божји. Затоа и свети апостол Павле им советува на сојунјаните: наместо да плачат, нека се молат, да служат богослужби, да делат милостина. Плачот и тажењето не им се од полза на покојните, туку постојаната молитва, особено за првите 40 дена по телесната смрт. Заради тоа, должност им е на сите ужалени да прават помени и да упатуваат молитви за покојните. Црквата востановила посебни денови за тоа, како што се: ТРЕТИОТ, ДЕВЕТТИОТ (седмиот), ЧЕТИРИЕСЕТТИОТ ДЕН, потоа на ШЕСТ МЕСЕЦИ, ГОДИНА, ДВЕ, ТРИ… Молитвата за покојните секогаш е добредојдена. Колку повеќе молитви, толку подобро за душата на покојниот. Молитвите никогаш не се непотребни.

Покрај деновите што ги спомнавме, односно третиот, деветтиот, четириесеттиот, Светата Црква на секое богослужение се моли, како за живите, така и за покојните, преку што дава пример на живите и тие што почесто да се молат за своите блиски, роднини… особено да се молиме во сабота, ден одреден од Црквата за помен на сите свети и умрени. Сабота е еврејски збор и значи покој, одмор. Црквата го посветува овој ден за спомен на душите на сите што преминале од земниот во задгробниот живот, упатувајќи молитви за вечен покој и радост во Бога.

Покрај секојдневните молитви и саботата, постојат во годината и посебни денови посветени во спомен на мртвите, кога се прави молитва за нив. Тоа се:

ЗАДУШНИЦИТЕ

Сабота пред Месните поклади (една седмица пред Прочка);

Духовденска – сабота пред Духови;

Митровденска – сабота пред Св. вмч. Димитрија.

Во тие денови според богослужбениот ред е предвидено во храмовите да се служат заупокоени Литургии и парастоси. Така Православната Црква ги повикува живите да се потсетат молитвено на телесно заспаните, но со душите живи во Христа.

На ЗАДУШНИЦИТЕ пред гробните споменици се прават помени со учество на свештеник. Не само да палиме свеќи и да го поливаме гробот со сози, а без молитви. Молитвата, пченицата, виното и лебот – тоа е најпотребното. Душата нема потреба од телесна храна, туку од духовна, а тоа е МОЛИТВАТА. Светата Црква Божја премудро ги определила овие денови за да им ја дадеме таа храна на сите упокоени. Упокоените души на нашите родители, сродници, пријатели, другари, браќа и сестри…, од после смртта, не се во состојба да се трудат за своето спасение. Тоа што тие таму не можат да го направат, можеме ние овде, да им ја даваме храната без којашто не можат. Молитвата принесена за нив, е истото што е дождот за земјата испукана од жед по вода. Да ја искористиме можноста што Бог и Пресветата Црква нѝ ја дава, да се сетиме на сите упокоени браќа и сестри наши во Христа коишто се причина за нашето сегашно постоење.

Потопени во срдечна молитва, ожалостените стојат тивко крај гробовите на своите ближни, очекувајќи ја со надеж идната средба со нив. Огромна корист и помош добиваат душите на починатите од искрените молитви соединето со дарувањето милостиња на сиромашните во нивни спомен, а пред сѐ, нивното споменување на Проскомидија.

Црквата е место за средба на сите верни во Христа, починати и живи! Ние кои сѐ уште сме во тело и оние што го оставиле своето тело, сите сме една Црква, еден организам во Христа. Па како што ние, живите, постојано се грижиме еден за друг, разговараме, си помагаме, се утешуваме, така и нашите упокоени непрестајно нѐ молат да си спомнуваме и за нив, да продолжиме да ги љубиме, да ги вознесуваме своите молитви за нив, да негуваме надеж во Христа Господа за нив. Самиот Христос вели: „Јас  сум воскресението и живот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25). Он е Вратата за премин, Он е нашиот премин, нашата пасха. „Бог не е Бог на мртвите, туку Бог на живите, зашто во Него се сите живи“. Всушност, упокоените се едни од најживите членови на Црквата, имаат повеќе живот во себе, отколку ние самите.

За молитвата за покојните, свети Атанасиј Велики вели: „Ако некој што е набожен починал и веќе е расеан во воздухот, не престанувај да палиш кандило и свеќи на неговиот гроб, призивајќи го Христа Бога, бидејќи тоа му е благопријатно на Бога и надоместува многу давања. Ако умрениот е грешен, ти ќе придонесеш да му се простат гревовите. Ако бил праведен, наградата ќе му биде зголемена. Впрочем, и оној што придонесува дарови за таквите, учестува во наградата, бидејќи покажува љубов за спасението на ближниот, како што и оној кој друг помазува со миро, прави од самиот него да излегува благопријатен мирис“ (Синаксар на Месопусна сабота).

Светиот Јован Златоуст, пак вели: „Се уште постои, навистина постои можност доколку сакаме да ја олесниме казната на починатиот грешник. Ако често се молиме и делиме милостина за него, макар да бил тој недостоен сам по себе, Бог ќе нѐ  услиши. Кога поради апостолот Павле спасувал други и поради едни поштедувал други, како не ќе го направи истото и за нас?“

Така, светите отци нѐ повикуваат секогаш да се молиме и да правиме добри дела за покој на душите на починатите. Смирено, да го упатиме својот молитвен поглед кон починатите чеда на Светата Црква, нашите ближни, кои исполнети со надеж во милоста Божја го напуштија овој свет, преселувајќи се во другата, духовната реалност што ние не ја гледаме, но толку силно ја чувствуваме. Молитвено да испросиме од Нашиот Господ, Он да се погрижи за нашите најблиски отци, браќа и сестри да бидат населени во местото каде што во спокој пребиваат праведниците.

Бог да ги прости сите крстени души, вечен нека им е споменот. „Вечнаја памјат“ не е бесмислена и празна фраза, и таа не се однесува на човекот, не е тоа повик кон човекот да го памти човека вечно. Човекот треба да се овечни, а Оној Којшто е по природа Вечен Е Бог. И Бог во Својот Божествен Ум треба да ги запамети сите наши упокоени души. Значи „Вечнаја памјат“ е наш повик до Бога. Тој Сѐмилостивиот да ги запамети сите наши упокоени, но и нас да нѐ чува во паметење.

Спомни си, Господи, за сите православни отци и браќа наши кои со надеж на воскресение и  живот вечен починале во заедница со Тебе, за сите наши упокоени родители, предци, сродници, браќа и сестри по дух, другари, пријатели, за оние кои паднале на браникот за верата и татковита, и за сите православни христијани што лежат овде и насекаде.

Нека Господ Милостивиот, биде милостив спрема душите на сите упокоени, да ги всели во прегратките на Авраама,  и нас да нѐ помилува како Добар и Човекољубив!

Помен пред гробниот споменик на починатиот.

Similar Posts