ПОЧИТ и ПОЧИТУВАЊЕ 

Пишува отец Александар Тодоровски.

ПАТОТ ЗА ДОСТИГНУВАЊЕ ПОЧЕСТИ 

А кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга на сите“ (Мк 10, 43-44). Со тие зборови Христос нѐ учи, дека: кој е веќе одликуван со светски почести и предимства, тој не треба да се гордее со нив, туку со смирение да ги употребува за доброто на другите (да биде слуга). 

Оние кои достигнале почести и кои се облечени со некаква слава не треба да се гордеат со своите предимства, туку да се ползуваат од нив со смирение, зашто сите наши предимства – не се наша придобивка, туку Божји дар (1 Цар 2, 7-8; Изреки 8, 15; Рим 9, 21;  1 Кор 4, 7). Последователно, да се гордееме со нив значи да ја грабиме славата од Бога. Безумно би било да се превознесуваме со почести и затоа што тие се минливи; ние лесно можеме да ги изгубиме, и тогаш наместо почитување ние ќе сретнеме јавна омраза и презир (1 Кор 10, 12). 

Оние кои достигнале почести треба да ја употребуваат својата власт и сила за полза на другите. Сите, одликувани со почест и власт, Божјото слово ги нарекува „Божји служители за добро“ (Рим 13, 4). Тие се поставени повисоко од другите за да служат како добар пример за другите. Напротив, кој се ползува со чест, но ја злоупотребува, тој не само што ќе даде строг отчет пред Бога (Мудр 6, 6), туку ќе го изгуби и вистинското почитување од луѓето. 

Кој се стреми уште кон почести, тој треба да ги достигнува со смирение и вистинско служење на ближните (на сите да им биде слуга), а не поинаку. 

Патот на смирението и вистинското служење во полза на другите е вистинскиот пат за достигнување на слава и величие. „Синот Човечки дојде не да Му служат, туку Тој да служи“; затоа и „Бог Го изгина и Му даде име кое е повисоко од секое име“ (Фил 2, 9). Тој пат е тежок за нашето самољубие, но тој единствено нѐ доведува до вистинска слава. 

Ако ние сакаме да заслужиме вистинска чест и почитување не само пред Бога, туку и пред луѓето, тогаш колку што е можно повеќе да им правиме добро на другите (1 Кор 9, 22; Јов 29, 15-16), без ни најмалку да се превознесуваме или да сакаме слава и чест. Тогаш славата и честа сами ќе нѐ најдат и ќе тргнат по нас. 

ЗА ПОЧИТУВАЊЕ НА ДУХОВНИОТ ЧИН 

Со сета твоја душа сакај Го својот Господ и почитувај ги неговите свештеници. Со сета твоја сила сакај Го својот Создател и не оставај ги Неговите служители. Имај страв од Господ и почитувај го свештеникот; дај му го неговиот дел, како што ти е заповедано“ (Сир. 7, 31-33). 

Читајќи ги овие стихови, сосема е јасна нивната содржина, но да се задржиме на оние зборови коишто зборуваат за потребното почитување кон духовните лица. Многу често на духовните лица им се познати зборовите коишто се мачни и навредливи за свештеничкиот чин, но дали на тие коишто ги нанесуваат им е познато колкав грев нанесуваат врз нивната душа? 

Во наведениот стих, читаме дека, двете заповеди за почитувањето на Бога и на Неговите свештеници, словото ги соединува како една: Имајте страв од Господ – се вели, и почитувај го свештеникот. Тоа значи, дека кој Го почитува Бога и се плаши од Него, тој задолжително треба да ги почитува Неговите свештеници и да внимава да не ги навреди со нешто; напротив, кој не го почитува духовниот чин, тој не се плаши од Бога. А зошто е така? Еве зошто: знаете ли кој го утврдил духовниот чин и кој ви дава свештеници? Самиот Господ Исус Христос, Кој уште додека бил на земјава, Самиот ги избрал дванаесетте апостоли, а потоа и останатите седумдесет, и им дал власт да ракополагаат таму каде што е потребно, по градови и села. Апостолите истото им го заповедале на поставените од нив архиереи за да го продолжуваат тоа од род во род, сѐ дедека светот постои, така што и сегашните свештеници и ѓакони својата служба и власт ја имаат преку архиереите од самите апостоли и Самиот Господ Исус Христос. Кога го уредил на тој начин свештеничкиот чин во Својата Црква, Господ Исус Христос им кажал на апостолите, а во нивното лице и на сите приемници, значи и на сегашните свештеници: „одете во светот, проповедајте го Евангелието и извршувајте свети служби. Вас таму ќе ве мразат, гонат и прогонуваат, но вие не смутувајте. Секогаш помнете, дека не му служите на светот, туку Мене Ми служите: значи и пофалбата и наградата за вас нема да биде од светот – Јас ќе ве наградам за трудовите. Затоа, кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил; кој вас ве слуша, Мене ме слуша; кој се одрекува од вас, од Мене се одрекува; кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој не ве прима и се подвива со вас, нему ќе му биде полошо отколку што им било на Содом и Гомор“ (Мт гл. 10). И така, кој навредува свештеник, тој според зборовите на Самиот Спасител Го навредува Бога, бидејќи свештениците се испратени од Бога. 

Тешко греши пред Бога оној кој укорува свештеник, и тешко ќе одговара за тоа пред праведниот Божји суд! Сакате пример за тоа? Во Библијата читаме, дека во старо време, кога во јудејскиот народ Господ го поставил за првосвештеник Арон, Мојсеевиот брат, во тоа време некој си Кореј, негодувал против Арон, а Датан и Авирон, против двајцата – Арон и Мојсеј, и престанале да ги почитуваат како Божји служители. И што се случило потоа? Страшно е да спомнеме за нивната судбина: земјата се отворила и Кореј, Авирон и Датан биде проголтани и живи симнати во адот. Бог строго казнува за укорување на Неговите свештенослужители. 

Размислете за тоа, кој Го моли Господ Бог за вашата благосостојба? Кој во име на Господ ве благословува во секое добро дело? Кон кого за време на несреќи вие прибегнувате? Кој се моли за вас, кога ќе Му ја предадете својата душа на Господ? Нели го прави сето тоа свештеникот? Тогаш зошто кај некои се јавуваат мисли дека свештеникот може некому да наштети и таквите можат ли да кажат дека Го почитуваат Бога и светата вера. Но и таквите, доколку вистински се покајат, свештеникот може да Го моли Господа тоа да не им се земе за грев и сѐ ќе биде добро. 

Кај некои се забележуваат и други непофални постапки против свештениците: намесно да им се влева на децата љубов кон свештеникот, некои им зборуваат за свештеникот како за нешто лошо, па дури и ги плашат со нив. Затоа, кога ги носат децата на Светата Причест се плашат и плачат, како свештеникот да прави нешто лошо. Како да не му е тешко на духовниот пастир сето тоа да го гледа? 

Затоа, да се поучиме: да престанеме да Го клеветиме Господ Бог преку укорување на Неговите свештеници и да го послушаме Божјото слово: Со сето твоја сила сакај Го својот Создател и не оставај ги Неговите служители

ЗА ПОЧИТУВАЊЕ НА ДОБРОДЕТЕЛНИ ЛУЃЕ 

Светиот апостол Павле, завршувајќи го Посланието до Римјаните, на римските христијани им дава ваква поука: „Ви ја препорачувам Фива, нашата сестра, која е служителка при црквата во Кенхреја; примете ја во Господ, како што им прилега на светиите, и помогнете ѝ во она, во што ќе има потреба од вас, бидејќи и таа беше помошничка на мнозина и на мене самиот“ (Рим 16, 1-2). 

Со тие свети зборови, светиот апостол Павле не ги учи само неговите современици Римјаните, туку и сите нас да ги почитуваме т.е. да укажуваме секаква чест, почитување и љубов кон добродетелните и побожни луѓе, кои се трудат за слава на Христовото име. Тоа Павлево учење не е негово, туку волја на Севишниот Бог. 

За да ни покаже Бог колку е високо достоинството и честа на добродетелни луѓе, и колку е важно да ги почитуваме, и колку голема штета си причинуваме кога ги укоруваме, ги споредува со зеницата на окото, кога за нив кажал: „Зошто кој чепка во вас, чепка во зеницата на окото Мое.“ (Зах 2, 8). Тоа се потврдува со многубројни библиски приказни. 

Кога пророкот Елисеј патувал во Ветил, некои мали деца, кои биле излезени од градот, му се потсмевале. Тие не знаеле за Елисеј, дека е пророк, па затоа шегувајќи се со него му рекле: „врви, ќелавко, врви, ќелавко“ (4 Цар 2, 23)! Тој се свртел, ги видел и ги преколнал во името Господово. Тогаш излегле од гората две мечки и раскинале од нив четириесет и две деца. Ако Бог ги казнил малите деца само заради еден подбивен збор со пророкот, поради нивниот незрел ум, тогаш што ќе направи Тој со оние луѓе, кои, бидејќи посовршени од тие деца и по години и по знаење, не ги почитуваат, туку ги презираат добродетелните луѓе и оние кои се занимаваат со свештени или учителски должности, и се трудат за општото добро на верните? 

Но, ние гледаме, ќе кажете вие, мноштво тирани, злобни луѓе, кои иако толку многу свети мажи и жени презирале, мачеле и убивале сепак останале неказнети. Така е, но зарем не веруваме, дека ќе има друг живот, дека ќе има сеопшт суд и плата за делата? Зарем не Го слушаме Бога Кој вели: „нечесниот се чува за судниот ден“ (Изреки 16, 4). 

Бог ги казнува оние кои ги презираат добродетелните луѓе, но ги благословува оние, кои ги почитуваат и примаат љубезно. Силен доказ за таа вистина е Лаван. Тој, кога слушнал оти Јаков, синот на неговата сестра, доаѓа кај него, „му излегол во пресрет, го прегрнал и бакнал, и го вовел во својот дом“. А кога Јаков решил да го напушти домот на Лаван, тогаш Лаван откриено исповедал, дека радоста од која тој се насладувал за тоа време додека Јаков бил кај него, ја дарувал Бог, зашто го примил Јаков во својата куќа. 

Примерите, бидејќи безгласни, имаат посилен глас од секаков збор. Но, Бог не нѐ учи само со примери да ги почитуваме светиите, туку и со зборови кои го откриваат Неговиот Божествен план. „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил“ (Мт 10, 40). Тоа значи, дека Бог ги поставил светите угодници еднакви на Себеси по чест, ги поставил како Свои намесници и управувачи на земјата, и последователно им дал власт од Својата Божествена сила. Навистина е така, зашто гледаме дека сите созданија им се покоруваат и ги почитуваат: од нив се плашат дивите животни: гладните лавови не смееле да се допрат до Даниил (Дан 6, 22); влекачите ги почитуваат: отровна змија се допира до раката на апостол Павле, и не му прави никаква штета (Дела 28, 5). 

Оние кои ја извршуваат Господовата волја ги почитуваат не само материјалните суштества, туку и нематеријалните и духовите. Демоните се зли духови, кои се откажале да Му се покоруваат на Бога и лишени се од Царството; тие му завидуваат на човечкиот род – но и тие се покоруваат на заповедта на светите мажи. 

Но зошто, на добродетелните им се дава таква власт, таква чест и благодат? Затоа што тие по совршенството на својата добродетел, стануваа садови, кои во себе ги сместуваат големите Божји дарови, со чие посредство ние ја гледаме Божјата семоќ во чудата извршувани од нив. Затоа, Бог сака да ги почитуваме; затоа Тој строго ги казнува тие кои не ги почитуваат. 

ЗА ПОЧИТТА ЕДЕН КОН ДРУГ 

Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Рим 12, 10). Апостолот не нѐ заповеда само со почит да се обраќаме кон ближните, туку и да се натпреваруваме во почитта еден кон друг. Тој на секого му вели: не се грижи само за тоа – на почитта да одговориш со почит, но самиот побрзај да укажеш почит; не чекај да те поздрават и да ти се поклонат, но ти побрзај да се поклониш; не чекај при собир да ти дадат прво место, туку самиот отстапи го тоа за друг. По тоа можеме да пресудиме, колку е свештена за нас обврската да ги почитуваме ближните. 

Кон секого ли треба да ја исполнуваме таа должност? – Кон секого! Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Апостолот не вели: почитувајте ги само старите, началниците, родителите и др., туку почитувајте се еден со друг. Тоа е така, затоа што душата на секој човек е образ и подобие Божјо, има богоподобна природа. Ако Бог така ја почитува душата, ние ли нема да ја почитуваме? Во тој случај предмет на нашето почитување е образот и подобието Божјо. Бог за секого од нас промислува со татковска љубов: ќе се дрзнеме ли да го презираме оној кој служи за предмет на таа љубов? Христос на Крстот ја пролеал Својата пречиста крв за секого од нас – скап е човекот во очите Божји! Како, пак, ние да не се покориме пред тоа скапо за Бога суштество? Човекот, по своите лични особини може да биде лош, нечесен, суеверен, непријатен, но и во него, под дебелата кора на гревовите и на секое зло, се чува образот и подобието Божјо. Имено, образот и подобието Божјо е она злато и оној дијамант, кој ние треба да го цениме во секој човек, колку и да е лош во својот живот. Од истата причина апостол Павле во Посланието до својот ученик Тимотеј, Ефескиот Епископ, укажувајќи му на обврските кон паствата му вели: „Не укорувај старец, туку почитувај го како да ти е татко; помладите, пак, како да ти се браќа“ (1 Тим 5, 1). Станува збор за старци, кои со своето поведение достојни се за укор. Но епископот треба да се задржи од укори кон нив, имајќи го предвид не само старечкото, туку и нивното човечко достоинство. 

Но работата не е само во надворешната почит, туку во тоа – таа да биде израз на искрено сочувство. Се случува кај еден зборовите да се понежни од елеј, но тие се стрели (Пс 54, 21). Друг, ласкаво се обраќа кон вас, но под таа ласкавост се крие зла умисла, презир и непријателство. Ќе најдете многу пријатели, кои слично на Јуда предавникот, лицемерието ќе го сокријат со пријателски целив. За жал не се малку и христијаните слични на учтиви злобници. Таквите ве почитуваат со зборови, а во срцето свое тие ви подготвуваат зло. Малкумина можат да почувствуваат дека под маската на добрината се крие злобата, и паѓаат во ископаната за нив јама. 

НАДВОРЕШНОТО ПОЧИТУВАЊЕ Е ВРЕДНО САМО АКО Е ВО ВРСКА СО ВНАТРЕШНОТО, И, АКО НЕ СМЕ ВО СОСТОЈБА ДРУГИТЕ ДА ГИ ЗАДРЖИМЕ ОД ЛИЦЕМЕРНА ПОЧИТ, ТОГАШ БАРЕМ САМИТЕ ДА СЕ ЗАДРЖИМЕ ОД НЕА, СЛЕДЕЈЌИ ЈА ЗАПОВЕДТА НА АПОСТОЛОТ: ДА СЕ НАТПРЕВАРУВАМЕ ВО ЗАЕМНА ПОЧИТ! 

Similar Posts