Свети Јоаникиј Ракотински – 24 Јануари

Свети Јоаникиј Ракотински – 24 Јануари

На 24-ти јануари се чествува Свети Јоаникиј Ракотинскимакедонски архимандрит, учител и лекар!

Молитва до преподобниот Јоаникие

Преподобен отче наш Јоаникие, исцелителу на сите телесни болести и ослободителу од сите духовни тешкотии, не оставај ме во тагата на моите гревови да загинам, посрамен од многуте прегрешенија на моето срце. Ослободи ме од уздите на телото и заштити ме од страстите на похотата. Не дозволувај да подлегнам на сладострасните искушенија на кои сум постојано изложен. Отклони ги од моето срце сите стрели на лукавиот, кој ја сака единствено мојата погибел. Заштити ме со своето застапништво пред Бога, и не само од телесните, туку и од сите духовни немоќи ослободи ме мене окајаниот.

О, велик чудотворецу, пред тебе се поклонувам и само тебе ти се молам, заштити ја нашата Татковина од наезда на иноплеменици и зачувај ја нашата Црква од иноверните непријатели. Утврди ја православната вера во нашиот народ, водејќи го кон покајание и оставање на гревовите, бидејќи ти најде милост пред Бога и во тебе се прослави силата Божја. Свештениците и монасите не оставај ги без твоето застапништво, утеши ги со ветените вечни блага, и вразуми ги за правилно да го водат кон спасение повереното им од Бога стадо на словесни овци. Подвижниците укрепи ги во подвигот, почуј ги молбите на сите болни и побрзај да им помогнеш на изнемоштените. А најпосле, спомни си и за мене грешниот слуга Божји, кој недостојно стојам пред твојот свет лик, и не знам со кои зборови да ги искажам многубројните гревови на мојата душа.

Тајнику на душите човечки, кој се удостои да гледаш во длабочината на човекот, погледни и во моето острастено срце, кое стои далеку од Бога. Загреј ја мојата скаменета душа со љубовта Христова, та преку молитвата да напредува во верата Православна, заборавајќи на сите погибелни задоволства од овој свет. Молитвенику за сите обременети, избави ме од бремето на гревовната тага, кое повеќе не можам да го носам. Со своето застапништво, помогни ми да ги оттргнам пороците на моето тело, за да можам да се развеселам во покајниот плач на спасението. Ти кој со солзи изгради скала до небото, моли Го Бога од моето срце да потечат непресушни реки на покаен плач, во кои ќе го измијам мојот ум и ќе го очистам моето срце, та духовно зарадуван, да Му воздавам слава на Бога, сега и секогаш, во овој и во сите векови. Амин!

Similar Posts