Св. Климент Охридски во Торонто торжествено прославен во сослужение со свештеници од Српска и Антиохиска православна црква

Пишува: о. Александар Тодоровски

На 08.12.2023 Светиклиментовата Македонска православна црква во Торонто со сите почести и со Света Литургија, торжествено го прослави својот патрон. На Светата Литургија сослужуваа свештеници и од другите македонски православни цркви во Торонто, како и пензионираните свештеници, а радоста да биде уште поголема допринесоа и браќата свештеници од нашите сестрински православни цркви, протоjереј-ставрофор Драго Кнежевиќ од Српската православна црква „Св. Сава“ – Торонто и отец Георгиј Мокбел од Антиохиската православна црква „Св. Георгиј“ во Ричмонд Хил. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, а први пристапија децата од „Неделното училиште“.

На 09.12.2023 пак, во големата банкетна сала, накитена во свечено, празнично руво и исполнета до последното место, најнапред беа интонирани канадската и македонската химна, за потоа од свештените отци присутни на Свети Климентовата Вечер да биде благословен славскиот леб, виното и пченицата. На говорницата со пригодни Свети Климентови пораки се обратија парохиските свештеници свештенојереј Сашо Целески и протојереј Александар Тодоровски, претседателот на црковната управа г. Борис Стоикос и кумот Зоран Трифуновски.

Програмата ја водеше младиот и родољубиво прекален тандем потпретседателот на црковната управа во „Св. Климент Охридски“ Кристијан Роштанковски и Христина Велјановска, претседателка на АМСУТ.

Следуваше доделување на благодарници, Светиклиментови икони за најзаслужните во работењето на црквата „Св. Климент Охридски“, особено во најтешкиот период што е зад нас, годините на пандемијата.

Во уметничкиот дел на програмата со рецитал пригодни празнични песнички, соло точки и драмски моменти се претставија учениците од „Неделното училиште“ кое го предводи учителката Снежана Тешовиќ и за прв пат премиерно учениците настапија со Свети Климентова песна, а во продолжение со Вечниот Бог, Божиќна песна и други пригодни песни. Фолклорниот Ансамбл „Македонка“, со неколку свои постави се претстави со песни и игри од Македонија.

Претседателот на црквата Свети Климент Борис Стоикос на свеченоста прими врамен мотив цвеќе од номинираниот за Нобелова награда македонски сликар Живко Цветин, а истата му ја врачи писателката Вера Самарјанин.

Во забавниот дел којшто следуваше по богатата посна вечера настапија Соња и Оливер Бенд и Стив Штуревски со македонски песни и ора од сите делови на Македонија.

Similar Posts