Црковното хорско пеење во црквата „Св. Климент“ – Торонто, отсекогаш било посебно негувано како важен дел од црковното богослужение. Поради ограничувањата за COVID-19 наметнати во 2020 година, долгогодишниот црковен хор за жал беше распуштен.

Слушајќи го старото македонско, односно изворно, источно црковно пеење, верниците изразија желба истото да биде имплементирано на црковните богослужби. Така се дојде до идејата да се оформи црковен хор на којшто ќе се изучуваат песните и химните од Светата Божествена Литургија.

Црковниот хор при црквата „Св. Климент Охридски“ е раководен од парохискиот свештеник протоереј Александар Тодоровски којшто е ученик од првата генерација во Македонската православна богословија којашто започна со изучување на старото, македонско, изворно источно пеење, а своето стекнато знаење го пренесува на сите верници коишто сакаат да имаат учество во црковниот хор.

Хорските проби се оддржуваат секој вторник со почеток во 19:00 часот во црквата „Св. Климент Охридски“.

Сите верници коишто сакаат да земат учество во црковниот хор „Св. Климент Охридски“, може да ја контактираат канцеларијата на црквата или парохиските свештеници.